СТЕНЧЕ

СТЕНЧЕ – ТУМБА ПОТСЕЛО – неолитска населба кај с. Стенче, на левиот брег на р. Вардар. Со истражувања се откриени културни слоеви од раниот, средниот и од доцниот неолит. Материјалната култутра се одликува со карактеристична керамика сликана со бела и со кафеава боја и со богата култна пластика (жртвеници од типот на Големата Мајка). Локалитетот припаѓа на Анзабегово – вршничката културна група. ЛИТ.: Д. Здравковски, Неолитска населба Потсело Тумба с. Стенче, И, „Зборник на Музејот на Македонија – археологија“, 2, Скопје, 2006, 25-31. Д. З.