СОКОЛОВ

СОКОЛОВ, Лазар (Куманово, 18. Ⅲ 1914 – Скопје, 3. И 1984) – национален деец, економист и университетски професор. Како студент на Економскиот факултет во Загреб бил еден од водачите на македонското студентско движење, секретар на Културно-просветното друштво “Вардар“ во Загреб и активист на МАНАПО (1936– 1938), поради што бил уапсен и потоа суспендиран од работа. Во времето на НОАВМ бил член на КПЈ (1941), на АНОК (од есента 1943), на Агит-проп при ГШ на НОВ и ПОМ (од април 1944) и член на Иницијативниот одбор за свикувањето на Првото заседание на АСНОМ. Бил избран за член на Президиумот на АСНОМ и за член на АВНОЈ, а потоа и претседател на Привременото народно собрание на ДФЈ. По Ослободувањето докторирал од областа на економските науки, бил помошник на министерот за трговија и снабдување во Владата на ДФЈ, в.д. директор на Институтот за меѓународна политика и стопанство и професор на Економскиот факултет во Белград. Поради определбата за Информбирото, бил исклучен од КПЈ (јуни 1949) и наскоро потоа испратен во лого-рот на Голи Оток (1949–1951). Извесен период бил директор на Економскиот институт во Скопје. Автор е на поголем број научни трудови за стопанската историја на Македонија и промените во структурата на југословенското стопанство. Награден е за научниот труд „Резервите на работната сила на одделни подрачја на Македонија“ (Скопје, 1964). БИБ.: Индустријата на територијата на НР Македонија за време на воениот период (1941–1944), Индустрија на НРМ, Скопје, 1961, 123–126; Културно-просветното здружение „Вардар“ во Загреб и неговата политичка дејност, „Историја“, Ⅷ, 2, Скопје, 1972, 120–126; Прилог за македонското студентско движење во Загреб, „Историја“, ⅩⅠⅠ, 1–2, Скопје, 1976, 1–27; Општествено-економската и национално-политичката положба во Куманово и Кумановско меѓу двете светски војни, Куманово и Кумановско во НОВ 1941–1942 година, Куманово, 1979, 444–467. ИЗВ.: Документи. Куманово во НОВ 1941–1942, Куманово, 1980. ЛИТ.: Куманово и Кумановско во НОВ 1941–1942 година, Куманово, 1979; Д-р Блаже Ристовски, Пројави и профили од областа на литературната историја, 2, Скопје, 1982; Голооточки сведоштва. Зборник, книга втора: Личности и судбини. Текстови – редакција Димче Најчески, Скопје, 2002, 65–97, и книга трета: Последици, Скопје, 2006, 27. С. Мл.