РЕЛЈЕФОТ ВО РМ

РЕЛЈЕФОТ ВО РМ – резултат на сложените геолошко-тектонски и морфогенетски процеси што условиле негова разновидност, при што во геоморфолошки поглед можат да се издвојат од најмлади до најстари морфоструктури. РМ, зафаќајќи го централниот дел на Балканскиот Полуостров, во минатото привлекла извесен број истражувачи, кои дале свој научен придонес во разрешувањето на одделни геоморфолошки проблеми. До Првата светска војна позначајни се истражувањата на Ј. Цвииќ. Во периодот меѓу двете светски војни (1918–1941), се остваруваат поквалитетни геоморфолошки сознанија за одделни области во Македонија: Скопска Котлина, Јакупица, Поречје, Селечка Планина, Кожуф и др. Со Ослободувањето по Втората светска војна особено се интензивираат геоморфолошките истражувања во РМ, кои континуирано продолжуваат и сега (Ч. Стојадиновиќ, Д. Манаковиќ,
С. Станковски, Т. Андоновски, Д. Колчаковски и И. Милевски). По своите релјефни карактеристики РМ е планинско-котлинска земја. Хипсометриските показатели ни укажуваат дека најголем

Хидрографската мрежа на Република Македонија Геоморфолошка карта на Република Македонија
дел од територијата се одликува со ридско-планинско земјиште што изнесува околу 81%, а 19% се рамничарски терени. Ова овозможило РМ да има просечна надморска височина од 829 м. Врз основа на степенот на вертикалната расчленетост, во РМ се издвоени шест класи релјефи. На првите две класи рамнини и слабо расчленети рамнини иде најмалку од територијата на РМ 666 км² или 2,60%, кои се разместени исклучително по дното на големите котлини. На класите изразито и многу изразито расчленет релјеф идат околу 21.000 км² или 82%, кои се разместени на планинските терени. Првите две класи на релјеф располагаат со најмала енергија на релјефот, при што на нив се врши акумулација, а најмногу се однесуваат на класите со изразита енергија на релјефот, каде што се врши ерозија. Во формирањето на сегашната пластика на релјефот во РМ важна улога одиграле олигомиоцените тектонски движења кога настапила неогената езерска фаза во сите котлини. Во текот на плиоценот Македонија е земја на езера. Во централниот дел се протегало Средновардарското Езеро. Езера егзистирале во: Скопската Котлина, Кумановската Котлина, Овче Поле, Славишка Котлина, Велешка, Полошка, Мавровска Котлина, Кичевска, Дебарска, Дебарца, Десаретската група (Охридско, Преспанско и Маличко Езеро). На југ егзистирале Пелагониското, Мариовското и делови од Големото Егејско Езеро во Гевгелисковаландовската Котлина и денешното Дојранско Езеро. Неотектонските движења и процеси во крајот на неогенот предизвикале распаѓање на егејското копно, ерупција на вулкани во одделни делови на Македонија со изливи на лава и акумулација на туфови, ис-течување на езерата од повеќе котлини и формирање на речната мрежа на Вардар, Црни Дрим и Струмица. Со овие неотектонски движења и процеси се формирани современите планински масиви (хорстови) и котлини (грабенски депресии). Поради ова релјефот во РМ личи на шаховска табла во која на едната страна има издигнати планини, а на другата спуштени котлини. Котлините во РМ поминале низ езерска фаза, поради што езерата оставиле свои траги во вид на големи акумулации по дната, а по рамката абразиони платоа. Во крајот на плиоценот и почетокот на плеистоценот со неотектонските движења се обновиле старите раседи и се формирале и нови при што се појавила интензивна вулканска активност во Кумановската Котлина, Кратовскозлетовската област, Кожуф, Тиквеш и др. Издигнатите планински морфоструктури се здобиле со различно протегање. Најстаро копно е Родопската маса со Пелагонидите. Родопската маса ја опфаќа целосно Источна Македонија и е претставена со Осоговските Планини, Малешевските Планини, Огражден, Беласица, Плачковица, Голак и др., и имаат различен правец на протегање. Во средишниот дел на РМ е Вардарската зона, која има динар-ски правец на протегање, а нејзината широчина изнесува 70 км и е изградена композитната долина на реката Вардар. Во Западно-македонската зона протегањето е динарско сз–ји. Исклучок претставува шар Планина, која се протега јз–си. Од неа кон југ, планините имаат главно меридијански правец на протегање, а најпознати се Кораб, Дешат, Крчин, Бистра, Караорман и др. Во Пелагонискиот антиклинорум протегањето е во разни правци. Врз основа на геотектонските, генетските, еволуциските и морфолошките карактеристики, можат да се издвојат речиси сите генетски типови релјеф. Од прелимниските облици се зачувани траги од преграбенски долини, кои денес во релјефот претставуваат превои преку кои се одвива сообраќајот меѓу одделни котлини, како: Ѓавато (1.169 м), Плетвар (990 м), Буково (1.207 м), Тетовска Суводолица (525 м) и др. Најголем дел од територијата на РМ е зафатена со процесот на флувијална ерозија, а тоа овозможило формирање на сите флувијални облици, меѓу кои се истакнуваат речните долини на Вардар и нејзините притоки. Бидејќи околу
2.400 км² или 9% од територијата е под варовнички карпи, овозможено е во одделни области да се развие интензивна карстна ерозија, што била причина за развој и застапеност на сите површински и подземни карстни облици. На територијата на РМ се констатирани фосилни глацијални облици: циркови, валови, морени, глацијални езера и др. Тоа зборува дека во времето на плеистоценот планинските предели повисоки од
2.000 м биле зафатени со глацијација. Притоа да ја истакнеме појавата и на денудационите и нивационите облици.
ЛИТ.: Т. Андоновски, Карактеристики на релјефот во Република Македонија, „Географски разгледи“, кн. 30, Скопје, 1995; Д. Манаковиќ, Т. Андоновски, М. Стојановиќ, А. Стојмилов, Геоморфолошка карта на Р. Македонија – текстуален дел, „Географски разгледи“, кн. 32–33, Скопје, 1998. Т. Анд.