РАДОВИШ

РАДОВИШ – град во југоисточниот дел на Република Македонијасо 16.223 ж. (2002 г.). Се наоѓа во северозападниот дел на Струмичко-радовишката Котлина, од двете страни на Радовишка Река, на надморска височина од околу 380 м. Низ него поминува магистралниот пат М–6, кој на запад го поврзува со Штип, а на исток со Струмица. Зафаќа површина од 477 ха. Има умерено-континентална клима со променето медитеранско влијание. Просечната годишна температура на воздухот изнесува 12,3°Ц, а просечната годишна количина на врнежите 520 мм. Р. првпат се споменува во една повелба на Василиј Ⅱ од 1018 г. како населба во Струмичката епархија. За него има малку податоци од времето на турското владеење. Градот напреднал во текот на ⅩⅠⅩ в., кога имал околу 4.000 ж. и развиена чаршија со 150 дуќани. Аграрно-занаетчиска функција имал и во периодот меѓу двете светски војни. Денес во него најголемиот број од населението се Македонци 13.991 ж., додека од малцинствата најмногу се Турците (1927) и Ромите (181). Р. е седиште на општина што зафаќа површина од 49.748 ха, има 36 населени места со 28.244 ж. Дел од населението се занимава со земјделство, и тоа особено со одгледување тутун, а еден дел се вработени во текстилната и фармацевтската индустрија, како и во рударството во рудникот за бакарна руда Бучим. Во градот има гимназија и здравствен дом, а најмаркантен објект е црквата „Св. Троица“, изградена во 2003 г. ЛИТ.: Митко Панов, Радовиш, „Годишен зборник на ФФ“, кн. 1., Скопје, 1956; По-пис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002, кн. Џ, ДСЗ, Скопје, 2004. Ал. Ст.