ПРЕСПА

ПРЕСПА („Песочна преграда“) – првата престолнина на Самуил (до ок. 1000 г.), седиште на Охридската архиепископија (потоа дел од Охридската диецеза). Се наоѓала, најверојатно, на Малото Преспанско Езеро, на островот Ахил, каде што е и црквата „Св. Ахил“ со моштите на светецот (донесени од Лариса во 986 г.). Според М. Аталијат, Самуил умрел „на мочурливиот остров Преспа“. Тамошните царски дворци биле користени и од Гаврил Радомир и Јован Владислав, а конечно уништени од наемни византиски војски (1072). Низ Преспа минувал познатиот пат Виа Егнатиа. Првото изворно спомнување на Преспа е поврзано во вестите за убиството на комитопулот Давид, меѓу Преспа и Костур (976). Во с. Герман, Преспанско, пронајден е Самуиловиот епитаф (992/ 993). Тука бил убиен дукљанскиот владетел Јован Владимир (1016). Во ⅩⅤⅠ в. еден дел од областа бил нахија што го носи истото име (другиот дел нахија со име Волкашин), а во ⅩⅤⅠⅠ в. имала 40-тина села (Е. Челебија). Денес е област што се протега меѓу Југозападна Македонија, Албанија и Северна Грција. ЛИТ.: Т. Томоски, Преспа во средниот век, Македонија низ вековите. Градови, тврдини, комуникации, Скопје, 1999. Б. Петр.