ПОПОВ, Благој

ПОПОВ, Благој (Кочани, 19. Ⅹ 1919 – Скопје, 14. Ⅳ 1992) – првоборец, економист, државник и политичар. Учесник во револуционерното движење во Кочани пред војната. Еден од првите организатори на НОБ во Кочанска околија. Член на КПЈ и секретар на Привременото партиско поверенство на Кочани (1941). Работел со работниците и младината за нивна подготовка за ракување со оружје и запознавање со воената тактика. Во 1942 г. станал секретар на ќелијата. Големата активност била прекината со неговото апсење од бугарската полиција, по извршената провала во Кочани (ноември 1942). Од бугарскиот суд бил осуден на 15 години строг затвор. Затворската казна (до ав-густ 1944) ја одлежал во Идризово, од каде што (со сите политички затвореници) организирано избегал и се приклучил во редовите на НОВ и ПОМ. Во септември бил префрлен на заднинска работа во Кочанско. По војната ја вршел функцијата партиски секретар во Кочани, Штип и во Струмица. Потоа извршувал и повеќе државни функции: министер за индустрија во Владата на НРМ, член на ЦК на КПМ, претседател на Стопанската комора на НРМ, претседател на Собранието на град Скопје, член на Сојузниот извршен совет и сојузен секретар за сообраќај и врски, претседател на ИС на Собранието на СРМ и др. Како претседател на Собранието на град Скопје ја раководел изградбата и обновата на градот по катастрофалниот земјотрес (1963). Носител на Партизанска споменица 1941. ЛИТ.: Кочани и Кочанско во НОВ 1941– 1945, Кочани, 1985. Ѓ. Малк. Благој Попов