ПЕЛАГОНЦИ

ПЕЛАГОНЦИ (Пелагонес) – старо горномакедонско племе што ги населувало териториите западно од р. Аксиј (Вардар). Хомер во Илијада го спомнува нивниот митски епонимен херој Пелегон, син на речниот бог Аксиј и Перибоја, татко на најпознатиот пајонски јунак во Тројанската војна Астеропај. Нивното име се среќава во два атички натписа од Ⅳ в. пр.н.е. Подоцна се спомнати кај Псевдо-Скимнос, Плиниј Постариот и Ливиј, кој ги вбројува во племињата што ја населуваат Пајонија. Во Ⅳ в. пр.н.е. имале своја посебна политичка заедница на чело со крал. Во времето на јакнењето на Пајонија, политички влегле во нејзиниот состав, а подоцна, заедно со Пајонците, ја признале врховната власт на Филип Ⅱ. Со римското освојување и поделбата на Македонија на четири мериди, влегле во Четвртата македонска мерида, чиј центар станал градот Пелагонија. ИЗВ.: Хомери, Иллиас, Липсиае, 1910; Тити Ливи, Аб урбе цондита либри, Липсиае, 1906. ЛИТ.: Е. Петрова, Пајонија во Ⅱ и И милениум пр.н.е., Скопје, 1999; Ф. Папазоглу, Македонски градови у римско доба, Скопје, 1957. К. М.-Р.