МАШИНИ И УРЕДИ ВО ДРВНАТА ИНДУСТРИЈА – работните процеси во дрвната индустрија се изведуваат со помош на разни видови машини и уреди. Тие се разликуваат според функцијата што ја извршуваат. Видот и типот на машините и уредите зависи од работната операција што се извршува во ист или во различен технолошки процес. Машините и уредите во дрвната индустрија се групирани според одредени заеднички карактеристики: според видот на механичката обработка на предметот; според степенот на обработката на предметот; според начинот на обработката на предметот; според конструктивните карактеристики и според намената. Според степенот на обработката на дрвото, машините и уредите се групирани во две основни групи: за примарно и за финално производство. Машините и уредите за примарно производство се наменети за првостепена обработка или преработка на дрвото (најчесто во пиланите). Машините и уредите за финално производство се наменети за финална (завршна) обработка на дрвото. Постои и посебна група машини и уреди, наменети за производство на фурнири и на разни видови дрвени плочи, кои спаѓаат во групата на примарните машини и уреди. Б. Ил.