МАКЕЛАРСКИ-БЕЦКО, Никола

МАКЕЛАРСКИ-БЕЦКО, Никола (Дебар, 1914 – Струга, 10. Х 1980) – комунистички деец, првоборец, сообраќаен инженер. Основно училиште завршил во родниот град, а потоа вечерен Градежен техникум во Скопје (1938). Како ученик во Скопје пишувал песни на македонски јазик, од кои полицијата му одзела околу 100 песни. Бил синдикален активист во УРС-овите синдикати во Бел-град, Сремска Митровица и Ниш. По отслужувањето на воениот рок, поради комунистичка дејност, бил уапсен и испратен во затворот во Ниш, каде што бил заедно со Јордан Николов-Орце. Додека бил на робија, во в. „Наша реч“ му била објавена песната „Апсана“ (22. Ⅳ 1939). Априлската војна (1941) го затекнала во Нишкиот затвор, по што бил префрлен во германски логор на Црвениот крст, од каде што избегал (12. Ⅱ 1942) и се вклучил како борец на Нишкиот НОПО, потоа во Врањскиот НОПО, како заменик-политички комесар на Мишарскиот НОПО и политички комесар на Озренскиот НОПО. Подоцна се префрлил во Скопскиот НОПО (во есента 1943) и како искусен командант на одред заминал во Поречието да формира нов партизански одред. Учествувал во разбивањето на четничките сили во Поречието, бил назначен за политички комесар на Дебарскиот НО младински баталјон (1943) и учествувал во пробивот на Сремскиот фронт како командант на Првиот баталјон на Ⅺ (македонски) корпус на НОВЈ, по што останал во служба на Генералштабот на НОВЈ во Бел-град. По Ослободувањето завршил Воена академија (градежна насока) во Ленинград (СССР, 1946–1951) и како инженер за ис-тражување на железничките линии и јазли се активирал во Советската армија (до 1964). По враќањето во Македонија работел во Проектантското биро на ЖТП. Носител е на Партизанска споменица 1941. БИБ.: „Наша реч“, И, 5, Скопје, 22. Ⅳ 1939, 7. ЛИТ.: Кичево и Кичевско во НОВ 19411945. Документи, Кичево, 1985. Слободните територии во Македонија во 1943, Скопје, 1975; Д-р Симо Младеновски, Дебарскиот младински баталјон, „Наш свет“, ⅩⅩⅠ, 711, Скопје, 18. Ⅺ 1981, 6; Тетово и Тетовско во НОВ 1941-1945, кн. прва и втора, Тетово, 1991; Блаже Ристовски, Македонскиот стих 1900–1944. Истражувања и материјали, И, Скопје, 1980, 315-316. С. Мл.