МАКЕДОНСКИ ТЕКСТОВИ СО ГРЧКО ПИСМО – Во текот на долгата политичка доминација под османлиските Турци, според нивниот теократски систем, балк. правосл. народи потпаднале под духовна власт на цариградскиот патријарх со статус на рум-милет. Во свои раце црквата го имала и образованието, во кое се предавало на грч. ј. и со грч. писмо. По укинувањето на самостојната Охридска архиепископија (1767), а особено по ослободувањето на Грција, под притисок на фанариотските владици, словенската писменост била наполно истисната од јужниот дел на Македонија. Прв печатен макед. текст (од охридскиот говор) се појавил во Четиријазичникот на Даниил Москополски (1802) во Венеција. Со овој речник-разговорник од околу 200 фрази авторот имал цел на балк. народи (Власи, Македонци, Албанци) да им го олесни учењето на грч. ј. што се употребувал во црквите и школите и да ја поткрепи елинизацијата. Меѓутоа, под формалната лојалност кон Патријаршијата, тој постигнал обратен ефект: афирмирајќи им го народниот јазик, тој ја будел и нивната национ. свест. Во 30-тите години од ⅩⅠⅩ в. во Јужна Македонија започнале да се преведуваат на макед. со грч. писмо поучни слова, речници, молитви и др., а во средината на ⅩⅠⅩ в. се јавуваат и печатени преводи: Кониковското неделно еванг. на Павел Божигропски (Солун 1852) и Кулакиското на Евстатиј Кипријадис (1860). П. Божигропски: Неделно евангелие (Солун, 1852) С.т. Неврокопското (Трлиско) ев. (1870–80). Самиот зборник на Миладиновци бил првин напишан со грч. писмо, па с.т. пред печатењето во Загреб препишано од Константин Миладинов со кирилица. Сочувана е трговска и занаетчиска администрација и приватна кореспонденција на макед. со грчко писмо од ⅩⅠⅩ в., што значи дека оваа практика била раширена и во народните маси. ЛИТ.: Бл. Конески, Граматика на макед. лит. ј., Ск. 1982, 26-30; Б. Ристовски, Сознајби, МАНУ, Ск., 2001, 13, 132, 322; П. Хр. Илиевски, Балк. лингв. студии, Ск. 1988, 15-29; &, Две писма на печалбар до фамилијата во Охрид на макед. со грч. писмо, Прилози МАНУ, ОЛЛН, 15, 1, Ск. 1991, 27-40; &, Макед. превод на престолното четвороев., Прилози, МАНУ, ОЛЛН, 28, 1, Ск. 2003, 37-38; &, Традиција и иновации во макед. црковнослов. книжевни споменици од турскиот период, МАНУ, 2005, 272-287, 315-319. П. Хр. Ил.