КОШУЛА

КОШУЛА -. составен и битен елемент на македонската машка и женска народна носија. Се изработувала од домашно ткаено бело платно. Според составот на материјалот, се среќаваат неколку видови кошули: конопица (или пртена кошула) целосно изработена од коноп, мелеска со памучна основа, а јатокот од коноп, и бубакерна кошула со основа и јаток од памук. Женската кошула најчесто била скроена од пет платна: ед-но предниште, едно задниште и по три ребрњаци. Околу вратот се пришивала тесна јака (колир). Ракавите на кошулата се составени од два дела: од едно платно (рукав), поголемиот дел, и – право парче (латица) што се наддавало под горниот дел од ракавот. Невестинските кошули се одликуваат со богата везбена декорација, со мноштво симболични мотиви што имаат нагласена обредно-магиска функција. Везбената декорација најчесто била изработувана со црвени, црни и жолти жички. Задржани се многу верувања поврзани со чинот на венчавањето и невестинската кошула. Кошулите наменети за постарото женско население биле со поедноставна везбена декорација, во потемни, монохромни бои. Ј. Р.-П.