КАРАМАНОВ, Ацо

КАРАМАНОВ, Ацо (Александар) (Радовиш, 31. Ⅰ 1927 – височината кај с. Стојмирово, Беровско, ноќта помеѓу 9/10. Ⅹ 1944) – ученик, поет, раскажувач, романсиер и револуционер. Како поштенски службеник, со татко Ацо Караманов му со семејството се селеле од место во место и кога имал само три месеци неговото патешествие продолжило во Белград, Песка, Валево, Чачак, Младеновац и с. Велико Орашје, каде што го започнал и го завршил основното образование. Гимназиското образование го започнал во Смедерево, а потоа го продолжил во Првата машка гимназија во Скопје (1941–1944). Пишувал поезија уште од 9-годишна возраст, ја проследувал светската литература, ги изучувал рускиот, францускиот и германскиот јазик. Првин пишувал на српски, а потоа на бугарски јазик. Во творештвото не се потпирал на фолклорот, туку на модерната светска поетика и проза. Станал член на СКОЈ (1943), а потоа и борец на Четвртиот баталјон на Четвртата македонска народноослободителна бригада (5. IX 1944). При формирањето на Педесеттата (македонска) народноослободителна дивизија на НОВЈ (с. Митрашинци, 17. IX 1944) бил прераспределен за борец на нејзината Тринаесетта македонска народноослободителна бригада. Во една престрелка со германските воени сили бил тешко ранет и масакриран по заробувањето, на само 17 години. Во неговата оставнина се регистрирани голем број поетски творби, поемата „Приказна” (1943/1944), романот „Трупот со сини очи”, незавршениот роман „Човекот што испил арсеник”, дневник, есеистички записи, осврти и писма. Зачуваните цртежи и карикатури ја потврдуваат и неговата ликовна надареност. Посмртно му се објавени повеќе изданија од неговото творештво. Во негова чест во Радовиш секоја година се одржува традиционалната поетска манифестација на младите поети од Република Македонија „Караманови средби”. БИБ.: Црвена пролет, уредил Радивое Пешиќ, Скопје, 1963 (второ издание Скопје, 1981); Одбрани песни од Ацо Караманов и Мите Богоевски, уредил Доне Пановски, Битола, 1974; Црвена пролет, приредил Радивое Пешиќ, Скопје, 1984; Прозни записи, приредил Радивое Пешиќ, Скопје, 1984; Црвена пролет, предговор Раде Силјан, Скопје, 1989; Сребрени соништа, приредил Милан Ѓурчинов, Скопје, 1994; Големата песна на Ацо Караманов (1927-1944), приредил Милан Ѓурчинов, Скопје, 2006. ЛИТ.: Љупчо Стојменски, Ацо Караманов, „Разгледи”, И, 9, Скопје, 25. Ⅳ 1954, 13; Радивое Пешиќ, Делото на Ацо Караманов, „Културен живот”, Ⅵ, 1, Скопје, јануари 1961, 24-26; Милан Ѓурчинов, Ацо Караманов (1927-1944), „Разгледи”, Ⅲ, 2, Скопје, 1961, 113-119; Александар Нејман, Прилог кон био-библиографијата на Ацо Караманов, „Белези”, И, 4-5, Скопје, септември-октомври 1967, 37-40; Ацо Караманов или „Сакав да станам поет…”, „Нова Македонија”, ЏЏЏИ, 10532, Скопје, 20. Ⅴ 1976, 8; Д-р В. Јанева-Стојановиќ, Ацо Караманов на чешки јазик, „Нова Македонија”, ЏЏЏИИ, 10745, Скопје, 19. Ⅻ 1976, 11; Љупчо Стојменски, Поетот од барикадите, „Нова Македонија”, ЏЛ, 13582, Скопје, 11. XI 1984, 9; „Црвена пролет“ од Ацо Караманов, „Нова Македонија”, ЏЛВ, 15259, Скопје, 18. Ⅶ 1989, 10. С. Мл.