ИНСТИТУТ ЗА МАКЕДОНСКА ЛИТЕРАТУРА

ИНСТИТУТ ЗА МАКЕДОНСКА ЛИТЕРАТУРА (Скопје, 26. Ⅰ 1998) – научен институт во рамките на Универзитет „Св. Кирил и Методиј”. Формиран е со одлука на Владата на Република Македонија, како самостојна научна установа, а подоцна, цо одлука на Универзитетскиот сенат (5. Ⅱ 1999) е здружен во Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Неговиот зародок беше како научна единица во рамките на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” (со акт на Министерството за култура на СРМ, 14. Ⅰ 1981), каде што беше оформена идната кадровска структура. На-учноистражувачката дејност ја одвива преку осум одделенија: Одделение за средновековна македонска литература, Одделение за македонска народна литература, Одделение за македонската литература во ⅩⅠⅩ век, Одделение за македонската литература во ⅩⅩ в., Одделение за македонско-балканските книжевно-историски врски, Одделение за литературите на националностите во Македонија, Одделение за теорија на литературата и компаративна книжевност и Одделение за библиографија, документација и информатика. Програмата ја остваруваат 8 доктори на науките, 9 асистенти и помлади асистенти и други соработници. Има богата издавачка дејност – од истражувачките проекти и други монографии, зборници од научни собири и сл. Редовно го издава сп. „Спектар”, како и периодичниот научен зборник „Книжевен контекст”. Соработниците на Институтот го објавија и капиталното четиритомно дело „Историја на македонската книжевност” (Скопје, 1997& 2003), во кое во одделни томови се обработени македонската средновековна литература, усната народна литература, македонската литература во ⅩⅠⅩ в. и македонската литература во првата половина на ⅩⅩ в. С. Мл.