ИВАНОВ-ЅИНГО, Љубисав

ИВАНОВ-ЅИНГО, Љубисав (с. Трновац, Кратовско, 8. XI 1936) – рударски геолог, стопанственик, Љубисав Иванов -Ѕинго општественик и политичар. Дипломирал на Рударско-геолошкиот факултет во Белград, по што се вработил во рудникот „Силекс” (со само 60 вработени). Како генерален директор (над 35 години), го издигнал во РЕК „Силекс“ со фабрики за полиуретански производи, за патент-затворачи и позамантерија, за хидраулични и моторни масла и масти, со рударски погон и повеќе угостителски, трговски и туристички организации. Со технички иновации ја усовршил експлоатацијата на силексот. Бил републички пратеник на СРМ и сојузен пратеник на СФРЈ. Основач е на „Силекс банка“ и на ТВ Сител. Бил долгогодишен претседател на ФК „Силекс“ од Кратово и претседател на Фудбалскиот сојуз на Македонија. Долгогодишен и актуелен претседател на Социјалистичката партија на Македонија и пратеник во шест мандати во Собранието на Република Македонија. Живее во Кратово. С. Мл.