ЗДРАВСТВЕНА ОРГАНИЗАЦИЈА / УСТАНОВА

ЗДРАВСТВЕНА ОРГАНИЗАЦИЈА / УСТАНОВА .- заеднички општ термин што се употребува да опише многу видови организации што даваат здравствени услуги. Законот за здравствена заштита на Република Македонија дава можност здравствените организации да се основаат како: јавни, задружни, мешовити и приватни, во зависност од основачот, односно според тоа кој ги обезбедува средствата потребни за основање и работа на здравствената организација. Во зависност од природата на здравствената дејност што ја вршат и видот на здравствените услуги што ги даваат, здравствените организации се основаат, односно се организираат како: ординација, поликлиника, дијагностичка лабораторија, заботехничка лабораторија, центар за итна медицинска помош, здравствена станица, здравствен дом, болница (општа, специјална и клиничка), завод, институт, клиника, универзитетски клинички центар, завод за здравствена заштита и аптека. Министерството за здравство на Република Македонија дава согласност на одредбите на статутот на јавната здравствена установа. ЛИТ.: Министерство за здравство на Р Македонија. Закон за здравствената заштита, „Сл. весник на Република Македонија”, 38/1991, 10/2004, 5/2007. Д. Д.