ЗАЈКОВ, Георги Николов

ЗАЈКОВ, Георги Николов (псевдоним: Гео Пирински) (с. Градот, Банско, 15. Ⅷ 1901 – Софија, Бугарија) – најактивниот културнонационален деец сред македонската прогресивна емиграција во САД. По завршувањето на гимназијата во ќустендил и учеството во марксистичките кружоци, веднаш по софискиот преврат од 9 јуни 1923 г., емигрира во САД и станува член на КП на САД (1924– 1951). Работи во рудниците во Северна Каролина, а после во компанијата „Џенерал моторс” во гр. Понтијак (Мичиген). Во септември 1929 г. заедно со 14 илинденци ја формираат првата Македонска прогресивна група во Понтијак, која потоа прераснува во Македонски народен сојуз во САД и Канада (подоцна Македонскоамерикански народен сојуз во САД и Канада), со Централен комитет, чиј претседател е илинденскиот војвода Смиле Војданов, а секретар Гео Пирински. Ги издаваат најзначајните органи на МНС/МАНС со јасно дефинирана македонска национална концепција во меѓувоениот период (со соработници од сите делови на Македонија): „Македонски бÓлетин” (1930–1931), „Балканско сдружение” (1931–1934), „Трудова Македония” (1934–1938), „Народна воля” (1938–1978) и др. Организатор на годишните конгреси на МНС/МАНС и редактор на годишните зборници (1931– 1940). Пишува и потпишува значајни документи за македонското движење. Избран е за секретар и на Словенскиот комитет во САД за помош на словенските народи на Балканот настрадани од фашизмот (1942–1951). По формирањето на Демократска Федерална Македонија под негово име во Њујорк ја издава брошурата „За слободна Македонија” (Фор а фрее Мацедониа), во која прави преглед на долготрајната борба на македонскиот народ за сопствена национална држава и одушевено ја поздравува Декларацијата од Првото заседание на АСНОМ за гарантирање на правото за „полна слобода и еднаквост на цела Македонија, без разлика на верата, националноста и политичката припадност; правото на слобода на мислење, вероисповед и слободно образование и прогласувањето на македонскиот јазик за официјален”. Поради македонските активности повеќепати е затворан, а со Макартиевиот Закон за внатрешна сигурност (1950) е осуден на 10 години затвор или екстрадиција во земјата од каде што дошол. Во 1951 г. е екстрадиран од САД во Бугарија, а тука веднаш е ставен во служба на бугарската големодржавна политика: член на БКП (1951); заменик-претседател (1951–1969) и потоа претседател на Националниот комитет за заштита на мирот (1969–1972); член на Националниот совет на Отечествениот фронт на Бугарија (1951); на Бирото на Словенскиот комитет на Бугарија (1952); на Светскиот совет за мир (1953); на Централната контролно-ревизиона комисија на БКП (1966); на Настојателството на Комитетот за Бугарите во странство (1982); пратеник на В, Ⅵ и Ⅶ народно собрание на Бугарија и прогласен за Херој на социјалистичкиот труд (1981). ИЗВ.: „Македонски бÓлетин” (Понтиак, 1930–1931), „Балканско сдружение” (Детроит, 1931–1934), „Трудова Македония” (Детроит, 1934–1938), „Народна воля” (Детроит, 1938–1978); годишни конгресни зборници на МНС (1931–1940); Георгѕ Пиринскѕ, Фор а фрее Мацедониа, Нењ Ѕорк, с.а.; Гео Пирински, Какво видях и преживях в Америка, София, 1970. ЛИТ.: Миле Михајлов, Македонскиот народен сојуз во Соединетите Американски Држави и Канада од 1928 до 1935 год., зб.: Иселеништво народа и народности Југославије и нјегове узајамне везе с домовином, Загреб, 1978; Д-р Блаже Ристовски, Македонскиот народ и македонската нација, 2, Скопје, 1983, 511-528; Тодор Чепреганов, Националните пројави на македонската емиграција во Соединетите Американски Држави, зб.: Македонското научно-литературно другарство и неговиот континуитет до основањето на Македонската академија на науките и уметностите. Прилози од Научниот собир…, МАНУ, 1997, 269–278. Бл. Р.