ЗАПИСИ

ЗАПИСИ -. белешки што ги запишувале разни лица на почетокот или на крајот од книгата, врз одделни празни листови, на маргините на листовите, врз внатрешната страна на кориците и сл. Записите можат да бидат современи на ракописот или од подоцнешно време. Ако се пишувани во времето на настанувањето на ракописот, тие најчесто се пишувани од самиот автор на литературното дело (ако станува збор за оригинална литературна творба), од неговиот преведувач или пишувач. Подоцнешните записи најчесто се дело на имателите на ракописните книги, на нивните читатели, купувачи, дарители, подврзувачи, а неретко нив ги пишувале и одделни посетители на нашите цркви и манастири, каде што се чувале ракописните и печатените црковни книги. Во записите се наоѓаат важни податоци за историјатот на книгата, се даваат конкретни податоци за нејзиниот автор или пишувач, за времето кога таа настанала и во какви историски услови, каде е пишувана и кој е нејзиниот нарачувач, каква била натамошната судбина на ракописот итн. Во голем број случаи се спомнуваат и имиња на значајни историски личности: цареви, феудални владетели, архиепископи, митрополити и други црковни лица, записите можат да послужат како ав-тентичен извор за историографски истражувања. Интерес претставуваат и бројните записи во кои се опишуваат разни историски настани, војни, социјални потреси, природни и општествени незгоди, ретки природни појави и др. За разлика од основниот текст, записите не биле зависни од предлошката, поради што пишувачот допуштал јазични подновувања, карактеристични за неговиот дијалектен говор, кои можат да послужат како изворен материјал за „Западен Балкан” проучувањето на историскиот развој на македонските говори, како и на македонскиот јазик во целина. Записите се разликуваат од основниот текст и по своето писмо. Тие речиси секогаш се пишувани со поситно писмо од полууставен или курзивен тип. Обично, пред нив стои крст по кој следи текстот на записот, кој најчесто започнува со зборовите: „Да се знае…”, „По волјата на Отецот и со помошта на Синот…” или со некоја друга слична формулација. Записите во голем број случаи завршуваат со клетви што им се упатени на оние што ќе се осмелат да ја земат книгата од соодветната црква или манастир, чијашто сопственост е таа. Во записите често се наоѓаат податоци за условите во кои живееле и работеле нашите средновековни книжевници. Така, на пр., се дознава дека пишувачот на „Битолскиот триод”, граматикот Георги, зимно време работел во незатоплена просторија, а книжевникот поп Добрејшо се жали за лошиот пергамент врз којшто пишува, итн. Честа е и појавата на скромност и самопонижување од страна на нашите средновековни книжевни дејци. Тие им се извинуваат на читателите за лошото пишување, за грешките што ги допуштиле при пишувањето, дека пишувала „рака грешна и нечиста”, човек, „чија татковина е гробот, а мајка – земјата” и сл. ЛИТ.: М. Дринов, Запис од Охридскиј патриарх Прохор. „Периоди=еско списание”, Ⅲ, 1882, 132–140; М. Сперанскиј, „Злѕе дни” в приписках Асеманова евангелиџ. „Македонски преглед”, Ⅷ, 1, 1932, 41–53; Г. Илњинскиј, Записњ в Лесновском Паренесисе Ефрема Сирина 1353 г. „Списание на БАН”, ЏЛВ, 1933, 67–73; Харалампие ПоленаковиÊ, Записи и натписи, „Македонски јазик”, Ⅵ, 1, 1955, 70–74; Ивона Бернс, Еден запис во Добрејшовото евангелие, „Македонски јазик”, 1966, 143-148; Радмила Угринова-Скаловска, Записи и летописи, Скопје, 1975; В. Десподова, Кон записите во еден апостол, „Слово”, 24, 1974, 221–230; Ѓорги Поп-Атанасов, Неколку записи и натписи од Македонија, „Гласник на ИНИ”, 1978, 1–2, 217–223; Георги Георгиевски, Поглед врз јазичните иновации во записите и натписите, „Литературен збор”, 1986, 3, 21–32; Ѓорги Поп-Атанасов, Стари записи, Скопје, 1996. Ѓ. П. Ат.