ЕТИКАТА ВО МАКЕДОНИЈА

ЕТИКАТА ВО МАКЕДОНИЈА -. а) наука за моралот и за вредноста на живеењето, најразвиена практична филозофска дисциплина; б) наставно-научна дисциплина на Филозофскиот факултет во Скопје. Првите етички учења на почвата на Македонија се тесно поврзани со појавата на словенската писменост, чии духовни творци биле и првите големи етичари. Св. Кирил (Константин) Филозоф во делото „Учењето за вистинската вера” (прво филозофско-теолошко дело на словен-ски јазик) поучува дека моралот е смислата на човечкото постоење, врв на животната активност на луѓето, зашто тоа е начинот да му се доближат на Бога. Својата одбрана на верата и на јазикот, св. Кирил ја темели на клучната етичка идеја дека сите луѓе се ис-ти пред Бога. Посебно е заслужен за развивањето на христијанската етика и правилата на христијанскиот живот. Се смета дека св. Методиј го напишал првото правно дело на словенски јазик „Законот за судењето на луѓето”, кое, колку е правно, толку е и етичко со советите за односите меѓу луѓето, со внесувањето на византиската христијанска етика и другите правила на животот на Словените. Кирилометодиевската филозофска и теолошка традиција ја востановија голем број нивни ученици: св. Климент Охридски напишал низа текстови проткаени со етичка нишка, а значаен дел од нив се вистински етички расправи, каде што ги застапува ставовите за добродетелта, како дејност со која човекот се стреми да му се доближи на Бога; Константин Брегалнички во најпознатото дело „Поучно евангелие” ги изложува и етичките погледи за: целта на животот, дека морален е животот исполнет со добри дела, а средства на моралното усовршување се верата, благодарноста и љубовта кон Бога. Непосредно по Климентовата смрт (првата половина на Ⅹ в.) се појавува богомилството, социјално движење против сите форми на насилство и на експлоатација, кое во своите филозофско-теолошки основи застапува дуализам, учење за рамноправната улога на двата принципа: доброто и злото. Богомилите пропагираа апсолутен аскетизам и живеење во еден вид примитивни комунистички заедници. Етички идеи развиваат и нашите просветителски дејци: Јоаким Крчовски, Кирил Пејчиновиќ, Марко Цепенков, Григор Прличев, Крсте Мисирков и др. Етиката како академска дисциплина во Македонија започнува интензивно да се развива со отворањето на Катедрата за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје. Посебна заслуга има професорот Павао Вук-Павловиќ, кој со особената посветеност на наставата, со делата што ги објави во Скопје, како и со многубројните и разновидни фор-ми на ангажирање, создаде сигурна подлога за понатомошниот развој на оваа дисциплина. Дејноста на ова подрачје ја продолжи, ја продлабочи, особено ја прошири и ја афирмира професорот Кирил Темков. Освен што ја изведува наставата по овој предмет на Институтот за филозофија и на повеќе други високошколски институции, напиша голем број книги, студии, статии во домашни и во странски публикации; одржа многу јавни предавања и настапи во медиумите. Ги воведе и ги предава предметите: педагошка етика, биоетика, еколошка етика, етика на менаџерството, професионална етика и др. на додипломските и постдипломските студии по филозофија, како и на други студиски групи и факултети. Под негово менторство една група негови магистранти и докторанти повеќе години изведуваа експериментална настава по етика на сите нивоа на образованието во Република Македонија (вклучително и во предучилишното), за што подготви и бројни пригодни текстови. ЛИТ.: К. Темков, Етика, Скопје, 1998; Филозофски факултет во Скопје: 1920– 1946–2006, Скопје, 2006. В. Панз.