ДУМА , Алексеј Христов (Битола, 16. IX 1948) – спец. по судска медицина, редовен проф. на Мед. ф. во Скопје. Дипломирал медицина во Скопје (1973), докторирал на тема за хуманата серумска холинестераза од форензичен аспект (1986). Од 1988 г. е директор на Институтот за судска медицина и криминалистика и шеф на Катедрата; претседател на Лекарската комора на Македонија (1992), соработува со институции во Европа и со Колумбија универзитетот во Њујорк, каде што е визитинг-проф. Учествува во реализацијата на интердисциплинарниот интернационален проект за невропатолошки студии кај хронични хоспитализирани болни од шизофренија и за ткивните невропатолошки изучувања кај тешки психијатриски болести. Формирал лабораторија за примена на рекомбинантна ДНК технологија во судската медицина, која добила лиценца за одредување на присуството на психоактивни соединенија во биолошки материјал. Остварил меѓународна соработка со Германија и со Бугарија со учеството во идентификацијата на жртвите кај масовни сообраќајни несреќи. Автор на над 130 трудови. Член е на Интернационалната асоцијација за судска медицина. ЛИТ: Билтен УКИМ, бр. 829, Артифицес Медицинае Мацедоници, Скопје, 2001. К. К. -П.