ДЕМИР, Хамди Таир

ДЕМИР, Хамди Таир (Скопје, 25. Ⅴ 1917 – 15. Ⅱ 1976) – работник, првоборец и политички деец. Бил член на скоевска група од припадници на турската и албанската националност (крај на ноември 1939). Подоцна и самиот станал секретар на скоевска група (средина на јануари 1941). Наскоро потоа станал и член на КП во партиска ќелија од припадници на турската националност (почеток на јуни 1941), член на Реонскиот комитет на КП и член на Градскиот одбор на Народната помош. Неговата слаткарска работилница била значаен собирен пункт на Народната помош и бил еден од раководителите на штрајкувачките одбори на шамиџиите, сулбенџиите и тутунските работници. Приклучувајќи се кон Скопскиот НОП одред со вреќа оружје, книги и др., заедно со уште двајца припадници на турската националност, бил уапсен (13. Ⅹ 1941) и бугарскиот Воен преки суд во Скопје го осудил на смрт со бесење (24. XI 1941). Според обвинителниот акт: „Работниците и младите Турци во Скопје, што успеал да ги организира, ги собирал во неговата слаткарска работилница, каде им зборувал за целите и задачите на групата, да бидат готови за дејство, да се вооружуваат и да заминуваат кај нивните другари во планина за општо оружено востание.” Од измачувањата во затворот Идризово останал стопроцентен инвалид од Ⅱ група. По организираното бегство од затворот (29. Ⅷ 1944) стапил во Третата македонска НОУ бригада и бил политички комесар на чета, а потоа бил испратен во Светиниколско за да формира НОО, организации на НОФ, Народната младина и АФЖ. По Ослободувањето учествувал во формирањето на Одборот на НОФ на текстилните работници во Скопје (22. Ⅻ 1944), а самиот тој бил избран за член на Одборот на НОФ на Скопје (29. Ⅻ 1944), член на Градскиот комитет на КПМ (1945-1952) и претседател на Сојузот на борците од Четвртиот реон на градот Скопје. На првите слободни избори бил избран за одборник и секретар на Четвртиот народен одбор во Скопје и народен пратеник на Уставотворното собрание на НРМ (1946). Подоцна бил и пратеник во Народното собрание на НРМ, член на Претседателството на Републичкиот одбор на СЗБНОВМ и член на Советот на Републиката. Носител е на Партизанска споменица 1941. ИЗВ.: ДАРМ – Скопје, к. 135, обвинителен акт бр. 118/41. ЛИТ.: Кемал Сејфула, Формирањето на муслиманската ќелија, „13 Ноември”, IX, 9, 13. XI, 1970, 3; Скопје во НОВ 1941. Материјали од научниот собир, Скопје, 1973, 240, 241, 243, 245, 247–149, 353, 354 и 399; Митре Инадески, Хронологија на Скопје. Работничкото и народноослободителното движење 1939-1945, книга втора. Скопје, 1974. 17, 42, 51, 71, 75, 76, 193, 197 и 208; Скопје во ослободителната војна и револуција 1941-1945. Зборник на сеќавања. Том И, книга прва, Скопје, 1974, 184, 196, 203, 205, 206, 210, 214–216 и 219; Методија шаторов–шарло и неговото време (1897-1944), ИНИ Скопје, 2007; Погребан Хамди Демир, „Нова Македонија”, ЏЏЏИ, 10441, Скопје, 17. Ⅱ 1976, 6. С. Мл.