ДЕЛИИВАНОВ, Петар

ДЕЛИИВАНОВ, Петар (Туше) Иванов (Кукуш, 13. Ⅹ 1869 – Софија, 14. Ⅰ 1950) – учител, деец на ТМОРО и публицист. Завршил гимназија во Солун, потоа бил учител во родниот град. Гоце Делчев го примил за член на ТМОРО (1894) и заедно учителствувале во Штип. Како претседател на Кукушкиот револуционерен комитет на ТМОРО, бил уапсен (1901), но успеал да избега и емигрирал во Бугарија. Бил член на Задграничното претставништво на ТМОРО во Софија (1901– 1902). По Младотурската револуција (1908) се вратил во родниот град и станал член на НФП. Наскоро, пак се вратил во Бугарија (1909). Се занимавал и со публицистичка дејност, познати се неговите сеќавања (1946) за другарувањето и дејноста на Г. Делчев. ЛИТ.: Туше Влахов, Кукуш и неговото историческо минало, Истор. очерк, 3. изд. Софиџ, 1969; Јован Павловски, Огнено семејство, Спомени на Лика Чопова, Скопје, 1978. С. Мл.