ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА ОСАМОСТОЈУВАЊЕТО НА Република Македонија

ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА ОСАМОСТОЈУВАЊЕТО НА Република Македонија . – акт донесен од Собранието на Република Македонија на 17. IX 1991 г. Декларацијата има преамбула и нормативен текст од седум члена. Во преамбулата се констатира плебисцитарно изразената волја на граѓаните за суверена и самостојна македонска држава, а во нормативниот текст се констатира дека граѓаните на Република Македонија, на референдумот одржан на 8. IX 1991 г., ја изразиле својата волја и го дале својот глас за да се конституира Република Македонија како суверена и самостојна држава, со право да стапи во сојуз на суверени држави на Југославија. Во Декларацијата се определува меѓународниот субјективитет на македонската држава, со подетално наведување на принципите на меѓународната политика и на меѓународните односи, како и на принципите што се однесуваат на грижата за правата на македонското малцинство во соседните земји.ЛИТ.: Светомир шкариќ, Уставно право, Прва книга, Скопје, 1994. Св. ш.