ГАЦО, Ангел (с. Саракиново, Воденско, 1765 – с. Аталанти, Грција, 1834) – еден од водачите на Негушкото востание (Ⅲ 1822). Со одред од 500 востаници учествувал во ослободувањето на Негуш, а потоа и во нападот на гр. Бер, заедно со Анастас Караташо, со околу 1.800 востаници (од 11. Ⅲ 1822). Се движел по негушките села за да ги организира за одбрана, учествувал во борбите за одбрана на Негуш (од 6. Ⅳ 1822). Кога надмоќните османски сили одново го зазеле градот, со синовите, братот и еден дел од востаниците преминале во Грција и зеле активно учество во Грчкото востание (1821–1829). Во грчката востаничка војска добил чин генерал. До крајот на животот останал во Грција, починал во беда. ЛИТ.: А. Трајановски, Негушкото востание во Јужна Македонија од 1822 година, „Гласник на ИНИ“, 39/1-2, Скопје, 1992. Ал. Тр.