ВОСТАНИЕ НА ПЕТАР ДЕЛЈАН

ВОСТАНИЕ НА ПЕТАР ДЕЛЈАН (1040 – 1041) – востание против византиската власт во Македонија и на Балканот. Повод била византиската финансиска реформа (1040) за плаќање на даноците во пари, место во натура. Востанието започнало во Белград. Петар Делјан, син на царот Гаврил Радомир, поради своето потекло, бил избран за водач на Востанието и бил прогласен за цар. Востаниците се упатиле кон југ и за кратко време ги освоиле Ниш, Скопје, Драч и Југозападна Македонија (Охридско-преспанската област), каде што се наоѓал центрот на Самуиловото Царство. Петар Делјан со главнината на востаничката војска запрел кај Острово и тука го поставил својот логор. Востанието бргу се ширело. За кусо време биле ослободени поголемиот дел од Македонија, делови од Србија, Албанија, Бугарија и Хелада. На страната на востаниците преминале и двајца македонски благородници, Мануил Ивец и Алусијан, кои се наоѓале во византиска служба. Мануил Ивец припаѓал на придружбата на императорот, а Алусијан бил братучед на Делјан (син на Јо-ван Владислав). Доаѓањето на Ивец и на Алусијан придонело за натамошно јакнење и ширење на Востанието. По поразот на Алусијан кај Солун (1040) настанал раздор меѓу востаниците. Алусијан на измама го ослепил Петар Делјан, а потоа преминал на страната на Византијците. Тоа го искористил императорот Михаил Ⅳ кај Острово ги разбил востаниците и го заробил Петар Делјан. Отпорот на востаниците продолжил. Одбраната ја организирал Мануил Ивец. За да го спречи напредувањето на Византијците кон Пелагонија и кон Охридскопреспанската област, кај Плетвар подигнал дрвена пречка (дема). Меѓутоа, Византијците успеале да ја разрушат, ги поразиле востаниците и го заробиле Мануил Ивец. Востанието било задушено, а многу востаници, заедно со Петар Делјан и со Мануил Ивец, биле одведени во заробеништво во Цариград. ЛИТ.: Н. Благоев, Делян и неговото востание въ Моравско и Македония против Византийците, „Македонски прегледъ“, ИВ/2, София, 1928; Г. Цанкова–Петкова, Петър Делян през погледа на неговите сÝвременници, „Исторически преглед“, 4, София, 1966; М. ДиниÊ, Из наше раније прошлости, „Прилози за књижевност, језик, историју и фолклор“, ЏЏЏ, 3–4, Београд, 1964. К. Аџ.