ВАСКОВ, Илија Ганчов

ВАСКОВ, Илија Ганчов (Велес, 31. Ⅻ 1934) – спец. по максилофацијална хирургија и редовен проф. на Ст. ф., академик. Завршил Ст. ф. во Белград (1959), а Мед. фак. во Скопје (1968). За асистент по стоматолошка хирургија на Стоматолошкиот одд. при Мед. фак. е избран во 1961 г. Специјализирал во Скопје, Љубљана, Берлин и Цирих. Хабилитирал на тема „Терапија на долновиличните фрактури” (1972), а докторирал со дисертацијата „Компресивна остеосинтеза во терапијата на долновиличните фрактури” (1981) во Скопје. Бил директор на Стоматолошкиот оддел при Мед. фак. и на Клиниката за максилофацијална хирургија. Од 1976-1979 е еден од тројцата членови на работоводниот орган на УЦМН, а потоа директор (1979-1985). Во овој период е извршена реконструкција на Клиничкиот блок (Интерни клиники), изградени се Клиниките за Кардиологија и Педијатрија и старата зграда на Ст. ф.; завршена е доградбата на Институтот за радиотерапија и отпочната (до фаза на карабина) доградбата на Хируршките клиники. Исклучителен педагог и наставник, кој едуцирал голем број студенти по медицина и по стоматологија и лекари-специјалисти. Неговиот стручно-научен опус ги опфаќа сите домени на максилофацијалната хирургија од трауматологија до онкологија. Учествувал во повеќе научно-истражувачки проекти. Публикувал 120 трудови и повеќе учебници. За редовен член на МАНУ е избран на 10. Ⅴ 2000 г. БИБ.: Трауматологија на лицевовиличните коски, Скопје, 1983; Остеосинтезата во максилофацијалната хирургија, Скопје, 1990; Расцепи на усните и непцето, Скопје, 1993; Хируршки атлас на заболувањата на максилофацијалната регија, Скопје, 1994; Стоматохируршки практикум, Скопје, 1995; Рендгенолошки атлас на болестите во максилофацијалната регија, Скопје, 1997; Тумори во максилофацијалната регија, Скопје, 1998; Амбулантски стоматохируршки интервенции, Скопје, 1999; Трауми во лицевовиличната регија, Скопје, 2005; Дентогени синузитиси, Скопје, 2006; Аномалии во максилофацијалната регија, Скопје, 2007; коавтор: Современа неврохирургија, Скопје, 1988. Е. М. – Сл. М. П.