ВАНОВ, Димитрија (Скопје, 18. IX 1934) – архитект. Дипломирал на Архитектонскиот отсек на Техничкиот факултет во Скопје (1959). Магистрирал на Архитектонскиот факултет во Белград (1978). Целиот работен стаж го развива на Архитектонскиот факултет во Скопје, каде се здобил со звањето редовен професор по предметот Нацртна геометрија. Покрај со педагошката работа, се занимавал и со научноистражувачка работа од областа на нацртната геометрија и објавил повеќе трудови, а се занимавал и со архитектонско-урбанистичко проектирање. Учествувал на повеќе анонимни архитектонскоурбанистички конкурси. Изработил и поголем број урбанистички и архитектонски проекти од кои поголем дел се реализирани. БИБ.: Коса перспектива на ротационите површини, Годишен зборник на Архитектонско-градежниот факултет, 8, Скопје, 1969, 61-65; Изработка на перспектива на ликорамнина повлечена низ оската на трансформацијата на монжовите проекции, Зборник на Архитектонско-градежниот факултет, 9-10, Скопје, 1972, 111-116; Определување контура на ротационите површини во монжовите проекции за паралелно и централно проектирање, Зборник на Архитектонскиот факултет, 3, Скопје 1979, 117-126. Кр. Т.