БУЧКОВСКИ, Владо

БУЧКОВСКИ, Владо (Скопје, 2. Ⅻ 1962) – правник, унив. проф и политичар. Дипломирал на Правниот факултет (правосудна насока) во Скопје (1986), каде што и магистрирал (1991), а докторирал на темата „Римското и современото заложно право“ (1998). Првин бил стручен соработник во Собранието на СРМ (1987-1988), а потоа асистент (1988-1998), доцент (1998) и вонреден професор (2003) по предметот римско право на Правниот факултет во Скопје. Бил член на Државната изборна комисија (1998-2000), претседавач на Советот на град Скопје (2000-2001), портпарол и потпретседател на СДСМ, пратеник во Собранието на Република Македонија, министер за одбрана во широката коалициона влада (13. Ⅴ – 26. XI 2001) и по победата на СДСМ и неговите коалициони партнери на парламентарните избори (2002) станал член на Владата на Република Македонија и министер за одбрана (1. XI 2002 – декември 2004), како и претседател на Правниот совет на Владата на Република Македонија (од 15. IX 2003), Откако бил избран за лидер на СДСМ (26. XI 2004), истиот ден му бил доверен мандатот да формира нова Влада (по оставката на дотогашниот премиер Хари Костов), а потоа Собранието на Република Македонија го избрало за претседател на Владата на Република Македонија (15. Ⅻ 2004 – 27. Ⅷ 2006). Под негово водство коалицијата За Македонија заедно, предводена од СДСМ, доживеа пораз на парламентарните избори (2006), поради што беше побарано да поднесе оставка од функцијата претседател на СДСМ, но тој го одби барањето. На конференцијата на партијата (7. Ⅹ) му беше изгласана недоверба и се повлече од претседателското место во СДСМ. Подоцна против него беше поднесена кривична пријава поради злоупотреба на службената должност и нанасена штета (1. Ⅷ 2007), извршена во 2001 г. како министер за одбрана. Актуелен пратеник на СДСМ во Собранието на Република Македонија. С. Мл.