БУГАРСКО-ГЕРМАНСКИ ВОЕН СОЈУЗ

БУГАРСКО-ГЕРМАНСКИ ВОЕН СОЈУЗ (1941–1944) – создаден за помагање и заедничка воена соработка за борба и ликвидација на сите ослободителни и антифашистички движења и воени формации во државите на Балканот. Започнал да функционира на 1. Ⅲ 1941 г., веднаш по пристапувањето на Бугарија кон Тројниот пакт. За средување на ситуацијата на Балканот Хитлер упатил во Бугарија силна армиска групација од 680 илјади луѓе. Во мај 1941 г. при Главната команда на бугарските оружени сили бил формиран штаб на германската воена мисија со задача да ја следи борбената готовност и моралнополитичката состојба на бугарските оружени сили и на дело да ја спроведува германската воена доктрина. Со бројните германски сили била нападната Југославија, односно Македонија и Грција, а потоа најголемиот дел од нив биле упатени на Источниот фронт, па во Бугарија останале помали воени единици на германската армија. Благодарение на воениот сојуз, бил воспоставен новиот фашистички поредок на Балканот, а Бугарија окупирала големи територии во Македонија, Србија и Грција, што овозможило ослободување на голем дел од германските воени сили и нивно заминување на други фронтови. Бугарските и германските окупациони војски учествувале во многу воени операции против единиците на НОВ во Југославија и Македонија. На 18 јуни 1943 г. воените делегации на двете земји постигнале договор Ⅶ бугарска пешадиска дивизија (со 1.858 војници) да влезе во реонот североисточно од Солун до Халкидик, односно до р. Бистрица. Дивизијата имала задача да се противстави на евентуалниот англо-американски десант и да го обезбеди редот во наведените подрачја од грчките националистички воени и политички организации. Воениот сојуз се распаднал по капитулацијата на Бугарија во септември 1944 г.ЛИТ.: Витка Тошкова, България и Третият райх (1941–1944), София, 1975; Војна енциклопедија, 2, Београд, 1971. Ѓ. Малк.