БУГАРСКА ЕГЗАРХИЈА

БУГАРСКА ЕГЗАРХИЈА – автономна православна црква (1870–1953). На 28. Ⅱ 1870 г. бил издаден султански ферман за создавање на Бугарската егзархија со седиште во Цариград. Во Егзархијата влегле сите епархии од Бугарија, Велешката епархија од Македонија и две епархии од Србија. За егзарх бил избран видинскиот митрополит Антим (16. Ⅱ 1872). Егзархијата се уредувала според Уставот од 1871 г. Во чл. 10 од ферманот било предвидено присоединување кон Егзархијата на православните верници ако 2/3 се изјаснеле за тоа. Поради ширењето на Егзархијата надвор од етничките граници на Бугарија, Вселенската патријаршија свикала црковнонароден собор во Цариград и ја прогласила Егзархијата за шизматична (отцепничка) црква (16. IX 1872). Под шизма Егзархијата останала сè до 1953 г. За прв егзархиски владика во Македонија, на чело на Велешката епархија, бил устоличен архимандритот Дамаскин (1. Ⅴ 1872). По извршените избори (23. Ⅲ 1874), биле издадени уште два берата за нови владици во Македонија – за Охридската епархија на чело со митрополитот Натанаил Кучевишки и за Скопската епархија на чело со митрополитот Доротеј. На почетокот од Руско-османлиската војна (1877) биле прогонети егзархиските владици од Македонија. Проруски определениот егзарх Антим бил заменет со ловченскиот митрополит Јосиф. Новиот егзарх немал смелост да отпатува во Цариград, а Егзархијата до 1880 г. ја управувал неговиот заменик како архијерејски намесник архимандритот Методиј Кусев(ич) од Прилеп. По подобрувањето на османлиско-бугарските односи егзархот Јосиф застанал на чело на Егзархијата. Во последната деценија на ⅩⅠⅩ в., Егзархијата издејствувала нови бугарски владици во Македонија во Охридската, Скопската, Велешката (1894), Пелагониската (Битолска), Струмичката, Дебарско-кичевската и Неврокопската епархија (1897). По Балканските војни седиштето на Егзархијата било преселено во Софија. По смртта на егзархот Јосиф (1915), Бугарската егзархија била управувана од Светиот архиерејски синод, на чело со вршител на должноста претседател на Синодот. По Втората светска војна бил избран нов бугарски егзарх – софискиот митрополит Стефан (10. Ⅴ 1945), а по неговата смрт, на Третиот црковнонароден собор (1953) Бугарската егзархија била подигната во ранг на патријаршија. За поглавар на Бугарската патријаршија бил хиротонисан пловдивскиот митрополит Кирил (1953–1971). ИЗВ. иЛИТ.: Сбирка отъ документи за уредбата и духовнит‹ правдини на Българската екзархи®, Цариградъ, 1919; С. Грујић, Како је постала Бугарска егзархија, Београд, 1897; А. Трајановски, Бугарската егзархија и македонското националноослободително движење (1893–1908), Скопје, 1982, 300. Ал. Тр.