БРСЈАЧКАТА БУНА

БРСЈАЧКАТА БУНА (14. IX 1880 – 1881) – буна против османлиската власт во Западна Македонија, на територијата помеѓу Ох-рид, Битола, Прилеп и Кичево. Името го добила според именувањето на населението – Брсјаци. Поради честото навлегување на албански качачки банди, поддржувани од османлиските власти, за одбрана биле формирани чети. Центарот на отпорот се наоѓал во Демир Хисар. Во Крушево биле одржани два состанока на кои би-ло одлучено: буната да се прошири во цела Западна Македонија; во сите краишта да се формираат вооружени чети; веднаш да се започне со собирање оружје, муниција и пари; да се организира одбрана на селата и да се казнуваат непријателите и предавниците. Буната започнала на Петковден, со давање заклетва на учесниците во црквата „Св. Илија” во с. Велмевци, пред попот Јован. По извршените подготовки започнале борбени акции, особено во Кичевскиот реон. Пролетта 1881 г. османлиските власти презеле акции за ликвидирање на буната. Во Крушево и во Охрид биле откриени организирани тајни групи. Во Прилепско била разбиена четата на браќата Чакре. По задушувањето на буната, биле уапсени околу 700 луѓе. ЛИТ.: Историја на македонскиот народ, книга втора, Скопје, 1969. В. Ст.