БОГОМИЛА

БОГОМИЛА – село во Велешко. Тоа е главна населба во областа Бабуна. Се наоѓа од двете страни на реката Бабуна на надморска височина од околу 500 м. Со Велес е поврзано со железничка линија и локален асфалтен пат. Во историјата е познато како центар на богомилското движење, по кое и го добило името. Неговото население е во постојано опаѓање. Така, додека во 1961 г. во Б. живееле 1.544 ж. во 2002 г. тој број се намалува на 476 ж. Населено е само со Македонци, кои главно се занимаваат со одгледување на житни култури и со овоштарство. Во селото постои Спомен дом на Петар Поп Арсов, познат револуционер од Илинденското востание, и споменик на борците од НОВ, потоа има осумгодишно училиште, здравствена станица и неколку трговски дуќани. Ал. Ст.