БАТОВСКИ, Хенрик

БАТОВСКИ, Хенрик (Хенрѕк Батоњски) (Л’вов, 12. Ⅴ 1907 – Краков, 28. Ⅲ 1999) – историчар, член на МАНУ надвор од работниот состав. Студирал ориенталистика, славистика и историја, а потоа и докторирал (1929). Бил дописник од Прага и од Белград (1930), а потоа станал доцент на Јагелонскиот универзитет – Катедра за политички науки во Краков (1936). Хабилитирал на тема „Основите на Балканскиот сојуз во 1912 година“. Бил еден од основоположниците на студиите по балканистика на Јагелонскиот универзитет. Фашистите го депортирале во концентрациниот логор Саксенхаузен (Сасхенхаусен, 1. IX 1939), а потоа во Дахау (Дацхау), каде што останал до победата над фашизмот. По Ослободувањето бил избран за вонреден (1956) и за редовен професор на Јагелонскиот универзитет (1966). Од 1977 година бил член на Полската академија на уметностите со седиште во Краков, а од 1981 г. и член на МАНУ надвор од работниот состав. Автор е на повеќе од 800 библиографски единици од дипломатската историја, балканистиката и славистиката. БИБ.: Балканските држави и македонското прашање пред и по Илинденското востание, зб. Илинден 1903. Скопје, 1970; Историја на политичките граници и територијалниот облик на Социјалистичка Република Македонија , „Гласник“ на ИНИ, 1, Скопје, 1972; Дипломатската борба околу Балканот во почетокот на ⅩⅩ век, Прилози за Илинден 1979, Скопје, 1983; Планови за поделбата на Македонија во минатото, Зборник на трудови посветен на академикот Михаило Апостолски по повод 75-годишнината од животот, Скопје, 1986. В. В.-В.