БАЛКАНСКИ ШТАБ

БАЛКАНСКИ ШТАБ (1943). Делегатот на ЦК на КПЈ и на Врховниот штаб, Светозар Вукмановиќ–Темпо, во летото 1943 г. иницирал создавање Балкански штаб за координирање на дејствата на народноослободителните антифашистички движења на Југославија, Грција, Бугарија и на Албанија. Политичката соработка требало да се остварува преку популаризирање на борбата на балканските народи за ослободување и со меѓусебна помош. Воената соработка требало да се реализира со формирање единствена команда – Врховен балкански штаб на народноослободителните војски. Се одржале состаноци на претставниците на движењата, на кои начелно била договорена воена и политичка соработка. Грчката страна не прифатила формирање заеднички Балкански штаб, по што Ј. Б. Тито во октомври 1943 г. ја запрел акцијата на Темпо. ЛИТ.: Светозар Вукмановиќ-Темпо, Револуција која тече, 1, Београд, 1971; истиот, Борба за Балкан, Загреб, 1981. М. Мих.