АРСЕНИЈ Ⅱ

АРСЕНИЈ Ⅱ (Охрид, ⅩⅤⅠⅠⅠ в. – Света Гора, ?) – последниот охридски архиепископ (1763 – 16. Ⅰ 1767). Потекнувал од семејството Баласчеви од Охрид. Бил наклеветен пред Портата од вселенскиот патријарх Самоил Ханџера дека одржувал врски со Венеција и со Русија и дека е нивен шпион. За да се одбрани себеси и да ја одржи автокефалноста на Охридската архиепископија, во придружба на роднината Георги Балазов од Охрид, со доста хрисовули и автентични документи, архиепископот тргнал за Цариград. Но гавазите на Патријаршијата го однесле на Света Гора, каде што и починал. Потоа Охридската архиепископија неканонски била укината. ЛИТ.: А. Матковски, Односите помеѓу Охридската архиепископија и османската држава, Гласник на ИНИ, ⅩⅤⅠ, 2, Скопје, 1972; А. Трајановски, Стремежот на Цариградската патријаршија за укинување на Пеќската патријаршија и Охридската архиепископија и присвојување на нивните епархии, „Годишен зборник на Богословскиот факултет Св. Климент Охридски” , кн. 4, Скопје, 1998. Ал. Тр. Арсениј Ⅲ Црноевиќ