АРАНЃЕЛ, Св

АРАНЃЕЛ, Св. (Архангел Михаил) – началник на ангелите, виш ангел. Пред да го создаде материјалниот свет (земјата, небото, ѕвездите, човекот и сл.), Господ го создал духовниот свет – ангелите. Во почетокот сите тие биле добри. Подоцна некои од нив станале лоши, се одметнале од Бога и почнале да прават злодела. Нив ги викаме ѓаволи. Еден меѓу нив по име Деница, заслепен од големата моќ што му ја дал Бог, се одметнал, собрал големо друштво и создал цело невидливо небесно духовно царство. Свети Архангел Михаил го победил, го симнал од небото, а и подоцна продолжил да се бори за славата Божја, поради што е претставен во војводска облека со меч и копје во рацете. Во народното верување тој е претставен како со меч им ги зема душите на луѓето, поради што во некои места е наречен „Арангел душевадник“. ЛИТ.: Јеврем А. Илић, О празницима православне цркве, Београд, 1860. М. Кит.