АРАМИСТВОТО ВО МАКЕДОНИЈА -. разбојништво поврзано со ајдутството, но и во подоцнешните времиња, во периодот меѓу двете светски војни и НОАВМ. Арамиските дружини броеле од мали групи до неколку илјади одметници од власта, на чело со арамбаша. Нив ги формирале припадници на разни етнички заедници или воени дезертери. Во времето на османлиското владеење често се поистоветувало со ајдутството, бидејќи одметниците од македонско потекло ги напаѓале главно злогласните аги, бегови и богатите трговци. Но имало и многу примери на арамиство од одметнати месни насилници од власта, одделни дезертери од воените единици и припадници на башибозукот. Регистрирани се и повремени навлегувања на арамиски дружини од Албанија. Околу 1000 арамии од областа на Мат (Албанија) го нападнале и градот Битола (1711). Посебно карактеристични биле примерите на ограбување на печалбарите при нивното враќање, често во соработка со месните власти. Тоа го вршела и арамиската дружина од Зајас, Кичевско (до 1927). И во времето на НОАВМ активни биле одделни качачки дружини. Опеани се во многу народни песни, со различно одразен однос на народните творци кон нивниот лик и дело, во зависност од опеаните настани. ИЗВ.: Александар Матковски, Турски извори за ајдутството и арамиството во Македонија, И-В (1620-1810), Скопје 1961-1980. ЛИТ.: Александар Матковски, Отпорот во Македонија во времето на турското владеење, Ⅲ, Скопје, 1983; Д-р Глигор Тодоровски, Западна Македонија за време на окупацијата (1941-1944), Скопје, 1998, 1311. С. Мл.