АНТОВ, Методи

АНТОВ, Методи (Тоте) Јорданов (псевд. Ранко) (Куманово, 11. Ⅴ 1924 – Скопје, 18. Ⅶ 1996) – комунистички деец и борец. Завршил гимназија во Куманово, а потоа студирал право. Член на СКОЈ (1941), учесник во НОАВМ (1941 &1944), член на КПЈ (од 1943), секретар на Месното поверенство на КПМ во Куманово (од 3. Ⅻ 1943) и член на Окружниот комитет на КПМ (од март 1944). Борец во единиците на НОВ и ПОМ, а по Ослободувањето окружен началник на ОЗН-а, помошник-министер за внатрешни работи на НРМ, републички секретар за народна одбрана на СРМ, претседател на Општинската конференција на ССРНМ на Кисела Вода, претседател на Градската конференција на ССРНМ во Скопје, потпретседател на Републичката конференција на ССРНМ (1970) и претседател на Собранието на Скопје. На Првиот конгрес на КПМ бил избран за кандидат за член на ЦК на КПМ, а на Деветтиот конгрес на СКЈ за член на Комисијата за статутарни прашања на СКЈ. Носител е на Партизанска споменица 1941. БИБ.: Кумановската партиска организација, Виорни дни, Скопје, 1957, 295-301; 1919-1969 СКЈ Куманово, Куманово, 1969 (коавтор). ЛИТ.: Куманово и Кумановско во НОВ 1941-1945. Документи. Избор и редакција: Васил Јотевски, д-р Симо Младеновски, Ѓорѓи Чакарјаневски и Тодор Чепреганов, Куманово, 1988. С. Мл. АНТОВА, Магдалена Јорданова