АНКЕТНИ КОМИСИИ ВО РМ

АНКЕТНИ КОМИСИИ ВО Република Македонија – привремени работни тела на Собранието на РМ. Тие се формираат со одлука на Собранието на Република Македонија за извршување посебни задачи. Наодите на анкетните комисии се основа за поведување постапка за утврдување на одговорноста на носителите на јавните функции. По исклучок, акетната комисија се јавува и како постојано работно тело. Таков е случајот со Анкетната комисија за заштита на слободите и правата на граѓаните, основана при Собранието на Република Македонија на почетокот од мандатот. Во периодот од 1991 до 1997 г. Собранието има основано вкупно пет анкетни комисии: за испитување на околностите околу протестните собири во Куклиш, Радовиш и Скопје (1992); за настаните на Бит-пазар во Скопје (1993); за настаните во РЕК-Битола, предизвикани со штрајкот и хаваријата (1993); за утврдување на одговорноста за увоз на доматите и краставиците во Република Македонија во 1995 и 1996 г. (1996); за согледување на евентуалните пречекорувања на овластувањата при интервенцијата на полицијата во Гостивар (1997). Пратеничката група на Либералната партија поднесе иницијатива за основање анкетна комисија за расветлување на околностите околу атентатот на претседателот на Републиката Киро Глигоров (на 4. Ⅹ 1995) Иницијативата не беше прифатена од парламентарното мнозинство, предводено од пратениците на СДСМ. Не беше прифатена ни иницијативата за формирање анкетна комисија за испитување на аферата „Прислушување“ (2001) од страна на парламентарното мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ. ЛИТ.: Светомир шкариќ, Споредбено и македонско уставно право, Скопје, 2004. Св. ш.