АДМИНИСТРАТИВНО-ТЕРИТОРИЈАЛНА ПОДЕЛБА НА МАКЕДОНИЈА ВО АНТИКАТА

АДМИНИСТРАТИВНО-ТЕРИТОРИЈАЛНА ПОДЕЛБА НА МАКЕДОНИЈА ВО АНТИКАТА. Во времето кога постоела македонската држава (Ⅶ-Ⅱ в. пр. н.е.) античките автори разликувале главно Горна и Долна Македонија. Долна Македонија (Пиерија, Ботиаја, Еордаја, Алмопија, Мигдонија, Крестонија, Бисалтија и др.) ги опфаќала јужните, претежно рамничарски предели, со престолнина првин во Ајга, а подоцна во Пела. Горна Македонија опфаќала претежно планински предели (Орестида, Линкестида, Пајонија, Пелагонија, Дасаретија и др.) и во голем дел се совпаѓала со територијата на денешна РМ. Природните граници што ја раздвојувале македонската држава од соседните територии, најчесто се простирале по високите планински венци, но и низ поголемите речни долини (на југ – пл. Олимп, Камбунските Планини и р. Пенеј; на југозапад – пл. Пинд; на запад пл. од шарпланинскиот масив; на север – пл. Јакупица, р. Пчиња, Осоговските Планини до пл. Рила и на исток – источните падини на пл. Пирин и р. Места). Овие граАдминистративно-територијална поделба на античка Македонија -Административно-територијална поделба на античка Македонија – областите источно областите западно од реката Аксиј од реката Аксиј ници на македонската држава речиси во потполност се совпаѓаат со историско-географските граници на Македонија, а единствено позначителни отстапувања има на север. Во втората половина на Ⅳ в. пр. н.е., во времето на кралевите Филип Ⅱ и Александар Ⅲ Македонски границите на македонската држава биле енормно проширени. Во времето на Филип Ⅱ државата на запад допирала до Јонското Море, на исток до Црното Море, а на север, со помали проширувања, останала старата нејзина граница, додека на југ се протегала до грчките области Етолија и Фокида. Александар Ⅲ Македонски, по проширувањето на северните граници, целосно се насочил кон освојувањата во Азија, по што источната граница била поместена до р. Инд. По неговата смрт огромната држава не се распаднала веднаш и некое време формално била одржувана. Во првата четвртина на Ⅲ в. пр.н.е. завршил процесот на нејзината дезинтеграција, а деловите од македонската држава прераснале во посебни држави, владеани од посебни династии: Египет (династијата на Птолемеидите), Сирија и главнината од поранешните персиски територии (династијата на Селевкидите) и Македонија со поголем дел од Грција (династијата на Антигонидите). Со паѓањето на македонската држава под римска власт (168 г. пр. н.е.), нејзината територија била поделена на четири мериди, секоја со свое седиште: Амфипол, Тесалоника, Пела и Пелагонија. Таквото уредување било променето кога била формирана провинцијата Македонија (148 г. пр. н.е.), која била управувана од претор. Во два наврати провинцијата Македонија била привремено делена. При првата поделба (кон крајот на Ⅳ в.) таа била поделена на Македонија Прима (со седиште Тесалоника) и на Македонија Салутарис (со седиште Стоби). При втората поделба (средината наⅤв.) биле формирани Македонија Прима (со седиште Тесалоника) и Македонија Секунда (со седиште Стоби). ЛИТ.: Наде Проева, Историја на Аргеадите, Скопје, 2004. Т. Фил.