АГОЛИ, Неџат (Дебар, 1914 – Голи Оток, 1949) – правник, комунистички деец од албанско потекло. Завршил право во Рим и бил судија во Тирана, но поради комунистичка дејност бил преместен на служба во Ѓаковица (Косово), каде што станал борец на партизански одред (1942). Наскоро се вратил во Дебарско и бил началник на штабот на Првата оперативна зона на НОВ и ПОМ (1943), а потоа политички комесар на Четвртата младинска шиптарска бригада (1944). Бил избран за делегат од Македонија за Второто заседание на АВНОЈ, а подоцна бил кооптиран за член на АСНОМ (27. Ⅹ 1944) и избран за втор потпретседател на Президиумот на АСНОМ (30. Ⅻ 1944). Во првата Влада на ДФМ бил именуван за министер за социјална политика (16. Ⅳ 1945), а потоа и реизбран (31. Ⅻ 1946). По прифаќањето на Резолуцијата на Информбирото (1948), бил уапсен и осуден на робија, каде што и починал. ЛИТ.: Македонски влади. 60 години, ДАРМ, Скопје, 2005, 23 и 29. С. Мл.