ЏУНОВ, Тодор

ЏУНОВ, Тодор (с. Ваташа, Тиквешко, 11. Ⅹ 1931) – универзитетски професор, правник. Основно училиште завршил во родното место, а средно во Битола (1948). Завршил Новинарско-дипломатска висока школа во Белград (1950–1952). Дипломирал на Правниот факултет во Скопје (1954). Магистрирал на Универзитетот „Мак Гил“ во Монтреал (1961). Тодор Џунов Докторирал на Правниот факултет во Скопје, на тема „Меѓународно-правно регулирање на ползувањето на реките и езерата од заеднички интерес вон од пловидбата“ (1963). Избран е за асистент по предметот Меѓународно јавно право на Правниот факултет во Скопје (1956), за доцент по предметот Меѓународно приватно право (1964), за вонреден (1969) и за редовен професор (1974). Бил член на СКОЈ (1945) и член на СКМ (1948). Бил декан на Правниот факултет во Скопје (1981–1983), ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (1985–1988). Избран е за судија (1994–2003) и за претседател на Уставниот суд на РМ (2000–2003). Објавил повеќе од 110 научни и стручни труда од областа на меѓународното право и меѓународните односи. БИБ.: Меѓународно регулирање на користењето на водите, Скопје, 1979; Надворешната политика на СФРЈ и неврзувањето, Скопје, 1989. ЛИТ.: Правен факултет – Педесет години 1951–2001, Скопје, 2001. Св. ш.