ЏЕКОВ, Славчо

ЏЕКОВ, Славчо (с. Раклиш, Радовишко, 21. Ⅸ 1924) – унив. професор, специјалист од областа на одгледувањето на шумите и за предметот дендрологија. Студирал на шумарскиот факултет во Белград, а дипломирал на новоотворениот Земјоделско-шумарски факултет во Скопје (1950). Докторирал на шумарскиот факултет во Загреб (1959). Избран е за асистент (1953), а потоа за редовен професор на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје (1971). Бил декан на шумарскиот факултет во Скопје (1982–1984). Се занимавал со проучување на дендрофлората, шумско-вегетациските односи и воведувањето на популикултурата во Македонија. Дал голем придонес во проучувањето на то-полите и глоговите, при што открил нови видови. Публикувал бројни трудови во домашни и во странски списанија. Ал. Анд. Томислав Џеков