ЈУНСКО ПАРТИСКО СОВЕТУВАЊЕ НА СКОПСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА НА КП ВО МАКЕДОНИЈА

ЈУНСКО ПАРТИСКО СОВЕТУВАЊЕ НА СКОПСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА НА КП ВО МАКЕДОНИЈА (Водно, сега населба Козле, 22. Ⅵ 1941) – партиско советување на кое била донесена одлуката за оружено востание. На советувањето присуствувале околу 30 лица – членовите на МК на КП во Скопје, сите секретари на партиските ќелии, како и одделни членови на КП со организациониот секретар на ПК на КП во Македонија Перо Ивановски-Тикварот и др. Откако била направена анализа на моментната политичка ситуација во земјата, пристигнало соопштението за нападот на Германија против СССР, по што биле прекинати дотогашните дискусии и советувањето добило сосема друг тек. Во натамошната дискусија повеќетемина од присутните го поддржале излагањето на П. Ивановски-Тикварот и била „изразена готовност за стапување во оружени акции и преминување на оружена борба”. Било одлучено „веднаш да се пристапи кон формирање вооружени групи за борба против окупаторот за национално и социјално ослободување на земјата”. ЛИТ.: Александар Спасовски, Скопски НОП одред, Београд, 1971; Скопје во НОВ 1941. Материјали од научниот собир одржан на 13 и 14 јуни 1972 година во Скопје, Скопје, 1973; Митре Инадески, Првата година на НОВ и Револуцијата, Скопје, 1973; истиот, Хронологија на Скопје, Скопје, 1974. С. Мл.