ЈУЖНОСЛОВЕНСКИ ЈАЗИЦИ

ЈУЖНОСЛОВЕНСКИ ЈАЗИЦИ. Од самите почетоци на славистиката како научна дисциплина (т.е. од крајот на ⅩⅤⅠⅠⅠ в.) е прифатена конвенционалната поделба на словенскиот јазичен свет на три групи: западна, источна и јужна. Јужните Словени, т.е. носителите на јужнословенските јазици во В– Ⅵ в. од н.е. се спуштиле кон југ од прататковината и се населиле на Балканскиот Полуостров. Континуумот на словенската јазична територија во Ⅹ в. го разбиле Унгарците, а потоа и консолидацијата на романското население северно од Дунав. Сепак, и денеска се забележливи бројни јазични врски меѓу словенскиот југ и север, т.е. меѓу словенечките и чешките дијалекти, како и меѓу српските и словачките и/или украинските дијалекти. Бројни се, исто така, словенските заемки, како во унгарскиот, така и во (дако)романскиот јазик. Јужнословенската јазична територија низ вековите се намалила како резултат на грчката експанзија на југ, албанската на југозапад, како и италијанската и австриската на северозапад. Веќе во периодот на издвојувањето од пошироката прасловенска јазична заедница јужнословенските дијалекти не биле униформни, така што не може да стане збор за некој општојужнословенски развоен период или прајужнословенски јазичен код. Денеска јужнословенската јазична територија претставува еден јазичен континуум на којшто лесно можат да се издвојат иновационите јадра на одделни дијалектни комплекси (дијалектни дијасистеми), но тешко можат да се утврдат еднозначни граници меѓу тие комплекси. Етничката свест на словенските жители на Балканот и нивната бурна политичка историја на јужнословенската територија доведе до формирање на 6 различни стандардни јазици. Одејќи од исток кон запад, тоа се: бугарскиот, македонскиот, српскиот, бошњачкиот, хрватскиот и словенечкиот јазик. Сите тие се релативно доцна стандардизирани, во периодот од првата половина на ⅩⅠⅩ до првата половина на ⅩⅩ в., така што во сите јужнословенски средини, до ден денешен, се водат дискусии околу некои аспекти на стандардната јазична норма. Пред стандардизацијата, како писмени јазици во западниот (католички) дел на Балканот функционирале локални регионални наддијалектни кодови и/или латинскиот и модерните западноевропски јазици – германскиот или италијанскиот, додека во источниот (православен) дел функцијата на пис-мен јазик ја вршеле разни локални редакции на староцрковнословенскиот јазик. Од претпоставениот заеднички предок на сите словен-ски јазици, таканаречениот прасловенски јазик со текот на времето најмногу се оддалечиле бугарскиот и македонскиот јазик и дел од дијалектите на српскиот јазик, кои доживеале сериозна реструктурализација под влијание на несловенските балкански јазици (балканска јазична заедница). ЛИТ.: С. Ившиќ, Словенска поредбена граматика, Загреб, 1970; Р. Нахтигал, Словански језики, Лјублјана, 1952; З. Стиебер, Зарѕс граматѕки поршњнањцзеј ј&зѕкшњ сљоњиавскицх, Њарсзања, 1989; А. Ваиллант, Граммаире цомпарéе дес лангуес славес, Лѕон–Парис, 1950–1957. З. Т.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *