ЈОВЧЕВСКИ-КОРЧАГИН, Раде

ЈОВЧЕВСКИ-КОРЧАГИН, Раде (Скопје, 14. Ⅷ 1919 – Скопје, 20. Ⅱ 1943) – крзнар, комунистички деец и првоборец. Работел во Белград (1937), каде што бил избран за секретар на Подружницата на крзнарските и на кожарските работници (1938) и член на КПЈ (1939). По Априлската војна (1941) се вратил во Скопје, зел учество во диверзантските акции, а потоа бил член на штабот на Првиот скопски НОПО (1941). По расформирањето на Одредот се илегализирал. Во отсуство бил осуден на смрт со бесење (април 1942). Бил заменик-политички комесар на Вториот скопски НОПО (пролет 1942) и на Косовскиот НОПО, а по неговото разбивање (февруари 1943) се илегализирал во Скопје. Загинал по провала, откако убил еден полицаец. Прогласен е за народен херој на Југославија (8. Ⅹ 1953). ЛИТ.: Душко Атанасовски, НОБ во селата на Љуботен, Тетово, 1971; Александар Спасовски, Скопски НОП одред, Београд, 1971; Васил Куновски, Јовчевски Коста РадеКорчагин (1919–1943), Народни херои од Македонија, Скопје, 1973, 144–149; Јовчевски Коста Раде-Корчагин, „Млад борец”, ЏЏЏИИ, 14–15, Скопје, 30. Ⅳ 1975, 17. С. Мл.