ЈОВЕТИЌ, Радивој

ЈОВЕТИЌ, Радивој (Петриња, Хрватска, 16. Ⅹ 1906 – Скопје, 24. IX 1977) – редовен професор на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје, специјалист за областа и предметот шумска зоологија и ловство. Дипломирал на шумарскиот факултет во Загреб (1932). Избран е за доцент на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје (1950). Докторирал на матичниот факултет (1959), каде што е избран за редовен професор (1963). Го формирал факултетското ловиште во Трубарево (1950), кое и денес успешно опстојува. Има објавено поголем број научни и стручни трудови, потоа скриптата „Ловство” и учебникот „Заштита на шумите” за средно шумарско училиште. В. Мал. Арсени Јовков