ЈОАСАФ Ⅱ

ЈОАСАФ Ⅱ – охридски архиепископ (1719–1745), Македонец од словенско потекло. Бил преспански епископ до 4. Ⅶ 1709 г., кога бил избран за митрополит на Горичката (Корчанска) митрополија. Бил избран за архиепископ Охридски (18. Ⅱ 1719). На архиепископскиот престој останал до смртта. Ја санирал материјалната положба на Архиепископијата со воспоставување ред и строга контрола на трошењето на средствата од црковните приходи и дарувањата од верниците, редовно ги плаќал даноците и изградил нова архиепископска палата во Охрид (меѓу 1730-1735). Во Австрискотурската војна водел тајни преговори со Виенскиот дворец (во пролетта на 1737) за ослободување и за заштита од Австрија. ЛИТ.: Михајло Миноски, Преговорите на охридскиот архиепископ Јоасаф со Австрија – Весник, Службена листа на Македонската православна црква, 4–5 и 6, 1973; Иванъ Снегаровъ, История на Охридската архиепископия (патрияршия) от падането и под Турците до нейното уничÈожеие (1394–1767). М. Мин.