ЈЕХОВИНИ СВЕДОЦИ

ЈЕХОВИНИ СВЕДОЦИ – христијанска религиска група во РМ и се вбројува во малите религиски заедници. Првпат е формирана во САД (1876), а за нејзин основач се смета Чарлс Расел. Името на оваа заедница (се користи од 1931) произлегува од библискиот Јехова, кого тие го сметаат за Бог-Отец. Првите припадници на оваа религиска група во Македонија се појавиле во Струмица (1938), под влијание на словенечкиот брачен пар Тучек, кој престојувал таму, а првата заедница на Јеховините сведоци била формирана во с. Велјуса, Струмичко (1957). Прв конгрес одржале во с. Колешино (1973). Во Скопје формирале своја група во 1968 г., а во 1975 г. отвориле канцеларија. Оваа верска заедница била регистрирана во поранешна СФРЈ, а во РМ е пререгистрирана во 1992 г. Во 2003 отвориле нова канцеларија, наречена бетел. ЛИТ.: В. Тимовски, Образованието и религијата, Скопје, 2005. В. Г.-П.