ЈАНКУЛА ВОЈВОДА

ЈАНКУЛА ВОЈВОДА (Бан) – јунакот во епската народна поезија е историската личност Јан Хуњади (Ерделје, 1387 – Земун, 1456). Се истакнал во борбите против Турците, по што народот го запомнил и го опеал, иако песните за него содржат многу малку историски факти. За своите заслуги во борбите (1438–1439) станува северински бан, а се прославува и во борбите со Турците во Унгарија, во Србија и во Бугарија (1441–1443). Станува ердељски војвода (1442), а подоцна е избран и за управник на Кралството Унгарија за да владее во името на кралот Ладислав Постум. ЛИТ.: Јуначки народни песни, Избор и редакција на д-р Кирил Пенушлиски, Скопје, 1968; Харалампие Поленаковиќ, За македонската народна книжевност, во кн.: Студии од македонскиот фолклор, Ⅱ, Скопје, 1988, 66-67. Б. Р.-Ј.