ЈАНЕВ, Ратко

ЈАНЕВ, Ратко (Сандански, Бугарија, 30. Ⅴ 1939) – физичар, научен советник (1981) во Институтот за физика во Белград, член на МАНУ (1988). Дипломирал (1963) на Отсекот за техничка физика на ЕТФ во Белград. Магистрирал (1965) и докторирал (1968) на ПМФ во Белград со теми поврзани со атомски судири што претставуваат негова повеќедецениска преокупација. Специјализирал во Санкт Петербург. Работел во Институтот за нуклеарни науки во Винча и во Институтот за физика во Белград, и потоа, речиси, две децении во Меѓународната агенција за атомска енергија на создавање податоци за атомски судири во плазма и нивна евалуација, а во врска со истражувањето на фузијата. Објавил голем број статии во врвни списанија на споменатите теми, за гасни ласери, судири со тврди површини, карактеризација на процесите во токамак и др. Бил гостин-професор во повеќе универзитети низ светот. Лит.: Билтен на IX изборно собрание, посебно издание, Реферати и прилози, јуни 1988, стр. 43-47. В. Ур.